Воздухот во главниот град и зимава загаден – Град Скопје излезе со препораки
Секторот за заштита на животната средина како надлежен сектор во врска со предлагањето мерки и активности за подобрување на квалитетот на амбиенталниот воздух, согласно со акционите планови за воздух, а во пресрет на зимската сезона и на очекуваните епизоди со зголемено загадување на воздухот, ги предлага следниве препораки:
– редовно чистење на оџаците од домовите и одржување на грејните тела;
– за затоплување на домовите да не се користат отпадни материјали, прегорено машинско масло, лакирани и обоени отпадоци од дрво, стиропор, ПЕТ амбалажа, гуми или каков бил синтетички материјал;
– да се користи суво и чисто дрво за затоплување, без примеси од земја и отпадоци;
– печките на дрво да се користат и одржуваат според упатствата на производителот;
– редовен сервис на котли, печки и клима уреди за ефикасно согорување и помалку емисии на штетни материи.
Градот Скопје ги известува граѓаните дека во периодот што е пред нас ќе следат засилени инспекциски контроли на сите постројки кои поседуваат елаборати за заштита на животната средина или Б-интегрирани еколошки дозволи, а особено внимание ќе се посвети на откривање и спречување на спалувањето отпад.
Скопје синоќа со екстремно загаден воздух
Скопје синоќа повторно се најде на врвот на светските листи за загаденост. Според податоците од меѓународната платформа за квалитет на воздух, главниот град на Македонија моментално е втор најзагаден град во Европа, веднаш по Сараево, додека на светската ранг-листа се наоѓа на 15 место.
Индексот на квалитет на воздухот (AQI) за Скопје синоќа изнесува 149, што го става во категоријата „нездрав за чувствителни групи“. На листата пред Скопје се наоѓаат градови како Дака, Колката, Делхи, Лахоре, Доха, Дубаи и други мегаполиси кои традиционално имаат сериозни проблеми со загадувањето.
Ова рангирање уште еднаш ја отвора темата за сериозноста на проблемот со аерозагадувањето во земјава, особено во зимскиот период кога загаденоста нагло расте поради греењето, зголемениот сообраќај и временските услови кои го спречуваат расчистувањето на воздухот.
Граѓаните и експертите продолжуваат да бараат итни мерки и долгорочни решенија, особено во делот на намалување на емисиите, контролата на индустриските капацитети и подобрување на урбанистичкото планирање.
