ФФМ не го продолжи договорот – Милевски повеќе не е селектор на македонската репрезентација, објави 4NEWS.mk
Управниот одбор на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) на денешната седница одлучи да не го продолжи договорот со селекторот на А репрезентацијата, Благоја Милевски, чиј мандат заврши на 30 ноември 2025 година, објави 4NEWS.mk
Милевски беше на чело на националниот тим од 1 август 2021 година, период во кој ја предводеше Македонија на 48 натпревари и притоа оствари 18 победи, 14 ремија и 16 порази. Во неговото водство, репрезентацијата обезбеди и два бараж натпревари за пласман на Светско првенство.
„Фудбалската федерација на Македонија упатува искрена благодарност до селекторот Благоја Милевски и неговиот стручен штаб за посветената работа, професионалната соработка и постигнатите резултати. Му посакуваме многу успех во понатамошната тренерска кариера. Управниот одбор на ФФМ смета дека на македонската А репрезентација ѝ е потребна нова енергија и поинаков мотив за претстојните предизвици што ја очекуваат нашата национална селекција. Веруваме дека со нов стручен тим ќе се внесе ‘нов ветер’ во работата на тимот, кој ќе овозможи уште поголема конкурентност и амбиција во натпреварите на Македонија“, стои во соопштението на Федерацијата, објави 4NEWS.mk
Од ФФМ најавија дека најдоцна до 25 декември 2025 година ќе биде донесена одлуката за новиот селектор на А репрезентацијата.
