Беџети најави радикални промени, ДУИ ќе „воскреснува“?!
Пратеникот од редовите на ДУИ, Блерим Беџети синоќа информираше дека ќе има радикални реформи во раководството на неговата партија, вклучително и членовите на Генералниот совет.
Беџети изјави дека ќе има промени во партијата и додаде дека ДУИ постојано имала промени на секој Конгрес.
„Секако дека ќе има промени во раководството. Ако зборуваме за промени на позициите потпретседател, секретар, зборуваме за промени во раководството. Дури ќе има промени и кај членовите на Генералниот совет како највисок орган помеѓу двата Конгреса. Секако дека ќе има промени“, соопштил пратеникот.
За одлуката на крилото на Алијанса за Албанците на Зијадин Села да ја напушти коалицијата НАИ, Беџети истакнал дека „тоа се нивни легитимни ставови и ние ги поддржуваме ако сакаат да ги зајакнат нивните партиски структури“.
„Колку што знам, г-дин Села и г-дин Ахмети имаа средба, разговараа. Нивна одлука е да продолжат со своето опозициско дејствување како што беше нивното партиско соопштение. Имаме разбирање бидејќи сакаат да се посветат на сопствените партиски структури и тоа е многу легитимно бидејќи имавме многу коректна соработка. Им посакуваме успех во нивната цел и нема да има недостаток од комуникација, соработка бидејќи сме во истиот опозициски табор во иднина“, рече Беџети.
„Села и Алијанса за Албанците не заминуваат никаде тие се во Собранието и ако добро ги прочитав и јас и јавноста тие продолжуваат да дејствуваат опозициски и нормално е дека ќе имаме комуникација и соработка и во иднина“, оценува пратеникот на ДУИ.
Прашан дали и како тоа ќе влијае врз ДУИ и коалицијата, Беџети рече дека нема да влијае никако. Според него, бројките се исти и дека ќе се промени само формата на делување.
„Воопшто не сме оштетени, бидејќи без оглед на тоа како се насловени, сè додека се гласот на граѓаните од кои потекнуваат мандатите, тие мандати се надевам дека нема да бидат декорација на ова. Бројките се уште се исти, само формата на дејствување ќе се промени“, рече Беџети.




