Светски ден на предвремено родените деца: 13,4 милиони бебиња во светот и околу 3.000 во Македонија секоја година се борат за живот
Според Светската здравствена организација, околу 13,4 милиони бебиња се раѓаат предвремено секоја година, што е едно од десет новородени деца во светот. Во Европа, бројката достигнува околу половина милион годишно, додека во Македонија се раѓаат приближно 3.000 предвремено родени бебиња – околу осум секој ден.
Каја е родена шест недели порано, со тежина од одвај 1.800 грама. Нејзината сестра близначка „цели 300 грама“ повеќе. Првите денови од животот ги поминала во инкубатор, тешко прилагодувајќи се на средината. Секој ден за неа е предизвик. Се храни тешко, се бори со инфекции, се приспособува уште потешко, но не се откажува. Инкубаторот е голем за неа и го дели со нејзината сестра. Предизвик е и за нејзиното семејство. Првите денови се најтешки. Потоа првите недели… Конечно е дома, но борбата продолжува. Таа е предвреме родено бебе кое бара посебна нега. Посебна храна, посебен начин на исхрана. Нејзините алишта се мали, пелените и се големи…Секој ден е нов предизвик кој таа го поминува. Каја е едно од 13.4 милиони бебиња во светот кои секоја година се раѓаат предвреме. Едно од десет. Bистински борци вистински борци кои својата животна битка ја започнуваат многу порано од другите, со предизвици што понекогаш ни возрасните тешко би ги издржале. Секој нивни здив, секој грам што ќе го добијат, секој мал напредок е победа вредна за славење. ие се жив доказ дека чудата постојат — и дека најмалите срца чукаат со најголема храброст.
Токму затоа, 17 ноември Светскиот ден на предвремено родените деца, им е посветен ним, на најмалите, но најхрабрите меѓу нас. На бебињата кои со својата сила инспирираат цели семејства, медицински тимови и заедници. Овој ден е потсетник дека секое од овие деца заслужува еднаква шанса, грижа, љубов и поддршка за да го оствари својот целосен потенцијал.
Секој 17 ноември светот го одбележува денот посветен на подигнување на јавната свест за една од најзначајните глобални здравствени теми. Предвременото раѓање, кое ги опфаќа сите породувања пред навршени 37 недели од бременоста, претставува водечка причина за неонатален морталитет и долгорочни здравствени последици.
Предвременото породување- причини, ризици и последици
Причините за предвременото раѓање се разновидни и често меѓусебно поврзани. Меѓу најзначајните се медицински фактори како инфекции кај мајката, хронични заболувања, хипертензија, дијабетес и предеклампсија. Ризикот е зголемен и кај близначките бремености, како и кај жени со ограничен пристап до квалитетна пренатална нега поради социјални и економски бариери. Одредени медицински интервенции – како индукција на породување или царски рез пред 37. недела – понекогаш се неопходни и водат кон предвремено раѓање, а генетските фактори исто така играат улога, иако често остануваат недоволно разјаснети.
Предвременото раѓање носи со себе бројни здравствени, психолошки и социјални последици. Компликации како респираторен дистрес, инфекции, хипотермија и потреба за интензивна нега се чести. Според СЗО, околу 900.000 деца годишно умираат поради компликации поврзани со прематуритет. Дури и кога преживуваат, предвремено родените деца се со зголемен ризик за развојни потешкотии, проблеми со слух, вид, моторика или долгогодишни хронични состојби. Значајни се и разликите во преживување – бебињата родени во земји со висок доход имаат далеку поголеми шанси за преживување и добар развој, додека во ниско-доходовните земји преживувањето на екстремно предвремено родените деца е драматично пониско.
