Украина бара размена на 1.200 заробеници со Русија: повторно активирање на Истанбулските договори
Украина започна интензивна дипломатска офанзива за обновување на размената на заробеници со Русија, со цел ослободување на околу 1.200 украински државјани, потврдија претседателот Володимир Зеленски и шефот на Советот за безбедност, Рустем Умеров.
„Сметаме на продолжување на размените,“ порача Зеленски во обраќање објавено на Телеграм. „Голем број средби, преговори и телефонски разговори во моментов се посветени токму на ова.“
Умеров, кој овие денови престојувал на консултации во Турција и Обединетите Арапски Емирати, рече дека разговорите резултирале со согласност за враќање на Истанбулските договори – рамка воспоставена во 2022 година под посредство на Турција, која дефинира правила за големи, координирани разменувања на заробеници меѓу двете земји.
„Ова се однесува на ослободување на 1.200 Украинци,“ истакна Умеров.
Од Москва засега нема реакција на изјавите од Киев.
Иако од 2022 година па наваму Русија и Украина размениле илјадници заробеници, процесот бил честопати прекинуван поради ескалации на фронтот и политички блокади. Последните месеци речиси и да немаше напредок.
Украинската страна најавува дека во наредниот период ќе се одржат дополнителни состаноци за утврдување на процедурите и организациските детали.
„Работиме без пауза за Украинците кои треба да се вратат од заробеништво да можат да ја прослават Новата година и Божиќ дома – на својата трпеза, со своите најблиски,“ изјави Умеров.




