Николоски: Во декември избор на изведувач за Скопје–Блаце и Кичево–Букојчани

Македонија
Сериозни понуди и урамнотежен буџет

Заменик-претседателот на Владата и министер за транспорт, Александар Николоски, најави дека во декември се очекува да биде избран изведувач за автопатите Скопје-Блаце и Кичево-Букојчани. Според него, доколку временските услови дозволуваат, градежните активности ќе започнат веднаш, а во спротивно работата ќе се реализира напролет.

„Рокот за поднесување на понуди заврши, има поднесени доста понуди, заради тајност на постапката не можам да ја кажам бројката, но е доста голема. Има сериозни понуди и најмалку три од нив се во рамки на буџетот за Скопје – Блаце, а исто така има и три понуди за автпатот Кичево Букојчани. Многу значајно за Скопје -Блаце е тоа што успеавме да го вратиме проектот во нормала. Она што ние го наследивме беше 27 милиони евра по километар, што мислам дека сите ќе се сложат дека е неодржлива работа. Сега го вративме во рамки на договорената цена со ЕБОР, таму имаме 166 милиони евра кредит и 30 милиони евра грант, тука влегува и изведба на градежните работи, надзор и техничка помош за ЈПДП. Очекувам во првата половина од декември да избереме изведувач и во зависност од временските услови да ги воведеме во работа и таму е брз рокот 2,5 години.“

Продолжување на Коридор 8 и реконструкција на обиколницата

Николоски исто така најави дека се работи на целосна реконструкција и рехабилитација на обиколницата на Скопје, која оди од Арачиново кон Ѓорче Петров. Тој потсети и на напредокот на останатите автопати на Коридор 8:

„Работиме на Тетово-Гостивар нов автопат, одлично оди динамиката. Таму имавме одредени проблеми со рушење на одредени објекти, но и тоа се решава, се експроприра земјиштето. Понатаму работиме на Гостивар-Букојчани популарната Стража, проект кој што за мене е лична гордост, затоа што е доста тежок и комплициран инженерски проект. Од 33 км колку што е целата траса, првите 17 км се пробиени. Од пролет ќе почне да се работи од страната на Букојчани и ова ќе е прв автопат кој ќе се спојува на пола.“

Тој додаде дека во првата половина на декември се очекува пуштање во сообраќај на нови делници од автопатот Кичево-Охрид, што ќе го подобри поврзувањето на западниот дел на земјата и ќе ја зголеми безбедноста и комфорот на патувањето.