СВЕДОК ТВРДЕШЕ ДЕКА ДАВАЛ МИТО ЗА ЛЕК, АМА НЕМА ДОКАЗИ И НИКАДЕ НЕ ПРИЈАВИЛ Продолжи судењето за „Онкологија“

Македонија, Хроника

Сведок денеска сведочеше дека давал мито за обезбедување онколошки лек, и тоа во канцеларијата на обвинетиот поранешен директор на Клиниката за онкологија, Нино Васев, но нема докази за тоа. На денешното продолжение на судењето во Кривичниот суд за предметот „Онкологија“ против Васев и онколозите Симонида Црвенкова и Драган Јакимовски беа сослушани 6 сведоци предложени од Обвинителството, кои се законски застапници на починати пациенти. Тие зборуваа за лекувањето и терапијата на Клиниката за онкологија.

Сведоците преднајавија оштетено побарување и се приклучија на кривичниот прогон, освен еден, кој преднајави отштета, но не се приклучи кон кривичниот прогон.

На прашање од јавната обвинителка Ана Гоговска Јакимовска дали имале проблем со обезбедување на терапијата, еден сведок рече дека имале проблем да ја обезбедат, па најпрво оделе во Турција, но, тоа било финансиски многу тешко, па терапијата потоа ја обезбедувале на Клиниката. Сведокот рече дека на Клиниката морале да дадат мито од 500 евра, за да ја добијат секоја доза од терапијата, а лекот го добивале од фрижидер во канцеларијата на Никола Васев, кој ѝ бил даван на медицинска сестра за да биде аплициран.

– Немам документи, немам докази, зашто не мислев дека ќе ми требаат. Ги исфрлив, но верувам ги има во досиејата – рече сведокот.

На прашање од одбраната на Васев дали го пријавиле таквото однесување, сведокот рече дека не, зашто не знаела каде да пријави.

На прашање дали парите биле давани пред медицинската сестра, сведокот рече не, појаснувајќи дека влегувале во кабинетот на докторот, „се почастувале за кафе како што бил договорот“ и потоа тој го давал лекот на медицинска сестра.

Друг сведок рече дека нејзината мајка, пред да почине, била лекувана на Онкологија со терапија за бели дробови, а ѝ бил констатиран рак на бубрезите. Според сведокот, терапијата и лекувањето ѝ биле сомнителни и на нејзината мајка, која немала никакво подобрување од терапијата пред да почине.

Бранителот на Симонида Црвенкова, адвокат Владимир Туфегчиќ пред Судот изнесе приговор на исказот на овој сведок, бидејќи како, што рече, смета дека е конструиран во контекст на поднесеното обвинение, а од доказите и фактите јасно произлегува дека кај пациентот е констатиран галопирачки карцином, што зафатил поголем дел од стомакот.

Еден од сведоците рече дека нејзината мајка ја лекувал онкологот Црвенкова, за што не ѝ биле барани пари, но таа давала средства. Како што нагласи, ги давала со срце и со душа зашто спасот го гледала во докторката. Додаде и дека немала намера ништо што дала некому да го пререче, но, била изреволтирана од тоа што го дознала.

На ова реагираше обвинетата Црвенкова, која рече дека никогаш ниту побарала, ниту добила средства за нејзината работа.

– Целиот мој живот сум го посветила на себеобразување и на доброто на пациентите и никогаш во животот ниту сум побарала, ниту сум добила средства. Тоа е многу тешко обвинение за мене. Мене ми е многу жал, јас работам 30 години со оваа болест и јас знам што значи – рече Црвенкова.

Одбраната на Нино Васев, адвокат Дељо Кадиев, изнесе забелешка дека од страна на ЈО им биле дадени записници од изјавите на испитаните сведоци, но само од лицата кои се предложени како сведоци, а не и од лицата предложени како законски застапници на оштетените.

– Што ова значи ова? Сметам дека одбраната се става во нееднаква положба, бидејќи е очигледно дека Јавното обвинителство точно знае кои прашања да ги поставува, за кои одбраната не може да подготви одбрана и прашања – рече Кадиев.

Судењето го води судијката Снежана Марковска. Поранешниот директор на Клиниката за онкологија Никола Васев и онколозите Симонида Црвенкова и Драган Јакимовски се обвинети за несовесно лекување пациенти. Постапката започна и против второобвинетата лекарка Мери Пешевска, која призна винат, по што Судот ја осуди на 2 години условна казна затвор.

Обвинението ги товари лекарите за продолжени Тешки дела против здравјето на луѓето и за Несовесно лекување, односно дека 29 пациенти примиле неподобни терапии, со отстапувања во дозирањето и без соодветна проценка на здравствената состојба. Против Васев и поранешниот економски директор на Клиниката е поднесено уште едно обвинение за злоупотреба на службена положба и за проневера.

По денешното рочиште адвокатот Туфегчиќ истакна дека во недостаток на аргументи и докази, е некоректно што Обвинителство се служи со сведоци кои изнесуваат неосновани лични дискредитации.

Прашан за коментар на изјавата на еден од оштетените сведоци дека дала средства за лекување на нејзината мајка, бранителот на Црвенкова, рече дека „секој кој ја познава Симонида Црвенкова знае дека тоа апсолутно не е точно“.

– Предмет на ова обвинение е несовесно лекување на болни и во таа насока, ниту еден од денеска сослушаните сведоци не изнесе ниту еден аргумент што е тоа што доктор Симонида Црвенкова го направила, за да се стекне впечаток дека таа несовесно постапила кон некој од пациентите – изјави Туфегчиќ.

Во врска со првиот сведок, Туфегчиќ рече дека во случајот со нејзината мајка се работи за галопирачки канцер и на белите дробови и на бубрезите.

– Едноставно, ситуација која никој не ја посакува и кадешто докторите прават она што вообичаено во таков случај е максимално и што може да направат, но не може да спасат ничиј живот во една таква состојба на работите. Она што е најбитно, сите денеска сослушани сведоци многу добро знаеле дека се работи за неизлечива болест и потврдија дека доктор Симонида направила сè што е во нејзина моќ – изјави Туфегчиќ.

Според Туфегчиќ, ова е премногу стручна тема, на која одговор, како што нагласи, веќе дале стручни луѓе, а сведоците изнесуваат свои лични перцепции на работите.