Министерството за спорт ќе ја поддржи јубилејната академија на ПК „Љуботен“
Министерот за спорт, Борко Ристовски, денеска оствари средба со претставниците на Планинарскиот клуб „Љуботен“ од Тетово, кој годинава одбележува импресивен јубилеј – 100 години од своето формирање.
ПК „Љуботен“ претставува најстар активен планинарски клуб во Македонија и е долгогодишен симбол на планинарската традиција, спортскиот дух и љубовта кон природата. Клубот брои над 150 активни членови и важи за еден од најголемите организатори на планинарски походи на Балканот.
Во рамки на одбележувањето на јубилејот, на 15 ноември во Домот на културата во Тетово ќе се одржи Свечена академија, придружена со прикажување на документарен филм и изложба посветена на вековното постоење и активност на клубот.
Министерството за спорт е главен поддржувач на манифестацијата со која се одбележува овој значаен јубилеј, препознавајќи ја улогата на ПК „Љуботен“ во развојот и промоцијата на планинарството, рекреативниот спорт и спортскиот туризам во земјата.
Министерот Ристовски изрази голема почит и признание за континуираниот придонес на клубот и нагласи дека државата ќе продолжи да ја поддржува планинарската заедница како дел од својата стратегија за унапредување на спортот и активниот животен стил.
-Планинарството е спорт што ги обединува луѓето, гради дисциплина и љубов кон природата. Јубилејот на ПК Љуботен е доказ дека спортската традиција може да живее повеќе од еден век кога се негува со вистинска посветеност – истакна министерот Ристовски.




