Божиновска за еМагазин: Скопската декларација поставува конкретни чекори кон зелена и стабилна енергетска транзиција

ЕКОНОМИЈА / ФИНАНСИИ, Македонија

Во современото живеење, отпорен енергетски систем не значи само повеќе производство, туку паметна комбинација од безбедност на снабдувањето, економска достапност и еколошка одржливост.

Токму оваа зелена транзиција беше во фокусот на 14. Меѓународен форум за енергија за одржлив развој (IFESD-14) во Скопје, организиран од Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини заедно со петте регионални комисии на Обединетите нации – Економска комисија на ОН за Африка (UNECA), Економска комисија на ОН за Европа (UNECE), Економска комисија на ОН за Латинска Америка и Карибите (ECLAC), Економска и социјална комисија на ОН за Азија и Пацифик (ESCAP) и Економска и социјална комисија на ОН за Западна Азија (ESCWA) и УНДП.

Меѓународниот форум за енергија за одржлив развој (IFESD) за првпат е организиран 2010 година на иницијатива од UNECE и ESCAP, и прерасна во водечка глобална платформа за унапредување на одржливата енергија. Со текот на времето, сите пет регионални комисии на ОН се приклучија како коорганизатори.

Годинава форумот се одржуваше под мотото „Од цели кон акција: Напојувајќи ја иднината со одржлива енергија“ и привлече над 800 учесници од 70 држави, додека над 150 експерти дебатираат на 35 панел сесии.

Како да изградиме поврзан и отпорен енергетски систем, како и кои се предизвиците кои на ова патување нѐ очекуваат разговаравме со Сања Божиновска, министерката за енергетика, рударство и минерални суровини.

Што точно претставува Скопската декларација — и зошто е важна за Македонија?

– Камен-темелникот за одржлива и зелена енергетска иднина е поставен и веќе поминуваме на конкретна имплементација, односно процесот на транзиција. Целта е  достижна само ако работиме заедно. Токму тука се вклопува Скопската декларација, која е заедничката рамка која ги кондензира трите столба на транзицијата — поврзаност, отпорност и финансирање. Потписници сме нашето Министерство заедно со УНДП и UNECE во име на учесниците и ја акцентира потребата од поголема регионална поврзаност, отпорност на системите и мобилизација на капитал за енергетска ефикасност и обновливи извори.

Таа е алатка која дава насоки кои  интерконекции и балансирачки капацитети ќе добијат приоритет, кои регулаторни бариери мора да се отстранат за ефикасни инвестиции и како јавниот и приватниот капитал се спојуваат во одржливи модели. За Македонија, тоа значи дека ќе го користиме овој консензус за побрзо структурирање на конкретни финансиски инструменти со банки и меѓународни финансиски институции, насочени и кон домаќинства и кон малите и средни претпријатија (МСП) и кон индустријата.

Паралелно, формираме работни групи за регионални интерконекции и услуги на балансирање, за да го намалиме трошокот за врвното оптоварување, да интегрираме повеќе ветер и солар и да ја засилиме енергетската безбедност. Ова не е само добронамерна изјава — тоа е оперативна мапа која ја усогласивме со нашите партнери во рамките на Форумот. Нам дома, пак ни дава јасен редослед на чекори од дигитализација на мрежата и олеснет приклучок за обновливи извори, до нови механизми за енергетска ефикасност во зградите. Со други зборови, декларацијата ја претвора агендата во план на работа.

Kои се следните чекори и можно ли е уште следните години граѓаните да почувствуваат разлика?

– Нашата енергетска транзиција е во тек. Обновливите извори на енергија во земјата сочинуваат повеќе од половина од вкупно инсталираниот капацитет за електрична енергија. На пример во 2024 година тоа изнесува 56 проценти. Нашиот фокуе е на инвестиции во нови соларни и ветерни енергетски проекти.

Со новите закони во енергетиката ги групиравме и обврските во три групи, и тоа за домаќинствата и МСП поедноставени и побрзи постапки за приклучок на покривни фотоволтаици, јасни правила за нет-билинг и пристап до поволно финансирање за изолација, прозорци и паметни мерни уреди.

Вториот сет обврски се кон системот со цел засилување на балансирачките капацитети и пилот-решенија за складирање, заедно со подобрено прогнозирање и управување во реално време. Ова е и предуслов за да креираме можности да интегрираме повеќе солар и ветер без нестабилности.

Трето е социјалната димензија, односно реализираме програми за заштита на ранливите потрошувачи и таргетирани мерки за енергетска сиромаштија, за транзицијата да биде праведна и инклузивна. Целта е за граѓанинот да обезбедиме енергија по предвидливи цени во долг рок и да обезбедиме повисока сигурност на снабдувањето и подобра услуга.

Целото интервју може да го прочитате на емагазин