Цветковски ја црта мапата на новото Лозово – нови улици, зелена оаза, индустриска зона и модерно училиште за сите генерации

Македонија, Политика

Општина Лозово е пред нов почеток со јасна визија, енергија и план за развој кој ќе ја претвори во модерна, чиста и зелена општина со силен економски потенцијал. Кандидатот за градоначалник на општина Лозово од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Бошко Цветковски, во рамките на изборната кампања под мотото „Вистинскиот избор! Твојот човек! Твоето место! За твојата иднина!“, најави решителна посветеност кон целосна трансформација на општината преку конкретни проекти и одговорно управување со јавните ресурси.

Цветковски истакна дека ќе продолжи транспарентно и одговорно да работи на реализација на сите планови предвидени во неговата програма, вложување во инфраструктурата, градење нови паркови и зголемување на зелените површини, со цел Лозово да стане пример за еколошки уредена и современо организирана општина.

„Се обврзувам дека ќе работам на квалитетно инфраструктурно уредување на општината, зголемување на зелените површини, градење на нови паркови, континуирано и темелно чистење на сите јавни простори, како и посоодветно управување со ѓубрето и отпадот, вклучувајќи го поттикнувањето за унапредување на процесите на собирање, сортирање и отстранување на неговите остатоци. Ветувам дека ќе работиме на промоција на индустриската зона со цел да создадеме адекватни услови за отворање на работни места, како и развивање и спроведување на редица економски трансформативни иницијативи и активности, кои ќе значат дополнително привлекување на странски инвеститори и унапредување на квалитетот на нашиот економски стандард и живот“, истакна Цветковски.

Со визија за динамичен и одржлив развој, Цветковски ја нагласи важноста на подобрувањето на инфраструктурата, уредувањето на јавните простори и создавањето нови зелени оази во централното градско подрачје и населените места. Тој потенцира дека модернизацијата и екологијата ќе бидат двата клучни столба на неговата програма.

Кандидатот за градоначалник подвлече дека неговиот фокус ќе биде насочен и кон зголемување на јавната и сообраќајната безбедност, со поттикнување на заедничката соработка меѓу граѓаните и полицијата, како и кон реализација на мерки и активности за намалување на девијантните појави.

„Подготвен сум да вложам максимални напори на планот на зголемување на јавната безбедност и безбедноста во сообраќајот, да ја поттикнам заедничката и координирана соработка и ангажман на граѓаните и полицијата, да предложам активности и мерки во насока на намалување на девијантните појави. Ќе дадам силна поддршка на проектите кои се насочени кон дополнителни вложувања во јавното образование, подобрувањето на образовната инфраструктура, унапредување на образовниот процес, што истовремено ќе значат унапредување на севкупните услови, знаења и вештини на учениците“, рече Цветковски.

Тој истакна дека образованието, социјалната грижа и економијата се трите најважни сегменти во изградбата на стабилна, мирна и просперитетна заедница.

„Ќе се залагам за унапредување на социјалните услуги за семејствата и посебно поддршката на родители, жените и децата кои се дел од социјално ранливата категорија. Заеднички посакуваме Лозово да биде модерно, забавно, мирно, безбедно, економски просперитетно и атрактивно катче за живеење и стопанисување,“ додаде Цветковски.

Посветеноста на Цветковски кон создавање зелена и уредена општина се потврдува и преку проектите кои веќе се реализираат, меѓу кои се издвојува и Хортикултурното и партерното уредување на ООУ „Методи Митевски – Брицо“ во Лозово. Овој проект претставува симбол на новата зелена визија и пример за тоа како преку посветеност, иницијатива и креативен пристап може да се подобри јавниот простор и квалитетот на животната средина.

Со уредување на зелените површини, садење декоративни растенија, поставување цветни аранжмани и создавање функционални пристапни патеки, училиштето доби целосно нов лик – модерен, инспиративен и полн со живот. Овој проект е само дел од пошироката стратегија на Цветковски за зголемување на зелените зони во сите населени места во општината, изградба на нови паркови и уредени јавни површини кои ќе бидат гордост на жителите на Лозово.

Со ваквите иницијативи, Цветковски ја покажува својата искрена посветеност кон подобрување на секој сегмент од животот во општината, од естетското уредување и заштитата на животната средина, до создавањето на нови економски можности и социјална сигурност за сите граѓани.

Под негово раководство, Лозово има потенцијал да прерасне во модерна, зелена, безбедна и економски стабилна општина, која ќе биде пример за развој, уреденост и квалитетен живот.