
Меџити: Пензионерите добиваат нов простор за активен живот во Чаир
Кандидатот за градоначалник на Општина Чаир од редовите на Вреди, Изет Меџити, денеска по посетата на Здружението на пензионери порача дека грижата за највозрасните граѓани е врвен приоритет во неговата програма.
„Посетата во Здружението на пензионери има посебно значење за мене. Оваа генерација со труд и љубов го изгради Чаир и заслужува поголема почит и грижа. Ветувањата што ги дадовме веќе се реализираат – обезбеден е дополнителен простор што ќе им служи за дневни активности и за нивна поголема вклученост во општествениот живот,“ изјави Меџити.
Тој нагласи дека општината ќе продолжи да инвестира во простории, услуги и проекти кои ја подобруваат благосостојбата на пензионерите, бидејќи „една добра општина се мери по тоа како ги третира своите највозрасни“.
Меџити потсети и на мерките на Владата за поддршка на пензионерите, меѓу кои и зголемувањето на пензиите. „Со последното зголемување од 1 октомври и новото што следи во март, пензионерите добиваат дополнителна поддршка од 7.000 денари годишно – значаен чекор за економска сигурност,“ истакна тој.