ПОСЛЕ НИЗА СКАНДАЛИ ИЗВЕСНО ЛИ Е КОЈ ЌЕ ДОБИЕ „МЕТЛА“ ? – Мицкоски најави реконструкција веднаш после изборите

Изјави, Македонија, Политика

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, изјави дека веднаш по локалните избори ќе следи реконструкција на Владата и отворање на партијата за нови кадри, со цел да се обезбеди „повеќе динамика и поголем капацитет“ за реформите.

„И затоа веднаш после овие избори ќе ги отвориме вратите на партијата за нови смени и за нови луѓе, и во Владата ќе има реконструкција и подобрување и поголема динамика на капацитетите. Веќе добро знаеме како може уште посилно и похрабро со зголемени потенцијали. Тоа не значи дека луѓето кои ќе бидат заменети биле лоши или немарни, но на Владата секогаш ѝ треба подинамичен капацитет, уште посилно темпо за промените кои ги правиме“, рече Мицкоски

Тој додаде дека Македонија е на „патот на промените и заедничките успеси“ и дека резултатите веќе се гледаат во макроекономските показатели. „Имаме зголемен извоз, зголемен БДП, раздвижена економија, раст на стопанството, а времето на реално чувствување на овие резултати кај реалниот човек доаѓа“, истакна лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.

„Не сум човек кој ги гледа работите од дистанца, и затоа промените во Владата ќе значат уште посилно темпо и уште поголеми заеднички успеси кои ќе оделотворат дека сме на правиот пат и граѓаните го направиле вистинскиот избор“, додаде тој.