Во Чешка ќе се вози на автопат 150 km/h – прва земја во ЕУ со ваков експеримент

Свет

Чешка стана првата земја во Европската унија која ќе тестира зголемување на максималната брзина на автопатите од 130 на 150 километри на час.

Нови електронски сообраќајни знаци веќе се поставени на делницата од 50 километри на автопатот D3 меѓу Табор и Ческе Будјевице, а пилот-проектот официјално започнува кон крајот на септември.

За разлика од Германија, каде што голем дел од автопатите немаат ограничување на брзина, во Чешка стандардно важи лимит од 130 km/h. Новиот систем ќе овозможи возење со 150 km/h, но само при добри временски услови и непречен сообраќај. Доколку има дожд, снег или мраз, брзината автоматски ќе се намали за 20 km/h.

Проектот чини 2,2 милиони евра и вклучува поставување на 42 паметни сообраќајни знаци. Чешките власти планираат проширување на режимот и на други делници, меѓу кои автопатите D1 кон Острава и D11 кај Храдец Кралове.

Иако возачите на оваа делница ќе заштедат само околу три минути, властите нагласуваат дека безбедноста останува приоритет.

Со ова зголемување, Чешка ќе стане втората „најбрза држава“ во Европа, веднаш по Германија. Во Бугарија, Полска и Турција лимитот е 140 km/h, додека во останатите европски држави максимално дозволената брзина е 130 km/h или помалку.

Искуствата од други земји покажуваат различни резултати: Австрија го стопираше тестот со 140 km/h поради еколошки причини, додека Холандија повторно воведе побрзо возење на дел од автопатите во април оваа година.