
Се пие за здравје, се плаќа како злато – ќе ја ставиме ли ракијата на позитивната листа?
Иако граѓаните се свесни дека цените на сѐ постојано растат, се чини дека сепак некои „сметки“ од купеното шокираат. Деновиве гласни реакции и за цените низ кафеаните и рестораните, конкретно за ракијата.
Пијалакот кој традиционално се пие пред ручек или со мезе кај нас, дефинитивно, во некои локали станува луксуз.
– Што се случи со цените во кафаните. Во кафуле покрај кеј една чашка ракија ми ја наплатија 180 денари, во кафеана во Хиподром ракија „LR“ од 200 милилитри ја платив 450 денари. Се прашувам дали се нормални цените во Македонија, реагира скопјанец во една фејсбук група каде сподели и фотографија од фискалната сметка.
Според Државниот завод за статистика цените на угостителските услуги во јули се зголемени за пет проценти во споредба со истиот месец минатата година.
Гледано по групи, цените во угостителството во однос на јуни се зголемени за 0,4 проценти кај храната, 1,6 проценти кај алкохолните пијалоци, 0,9 проценти кај безалкохолните пијалоци и за 0,2 проценти кај ноќевањата.
Твитерџиите пак со реакции за цените во Швајцарија за храна во ресторан.
Дали 8 луѓе може да јадат и пијат у кафана у Скопје за сметка еднаква на 13% од македонскиот минималец? Пошто у Швајцарија може.
— Tiago Pedro Gonçalo Costa (@tiktaknaradio) August 18, 2025