
И „Колдплеј љубовницата“ поднесе оставка по виралната афера
Шефицата на одделот за човечки ресурси во американската технолошка компанија „Астрономер“, Кристин Кабот, поднесе оставка откако беше снимена во прегратка со сега веќе поранешниот извршен директор на компанијата, Енди Бајрон, на концерт на „Колдплеј“.
Компанијата потврди за Би-Би-Си дека Кристин Кабот повеќе не работи во „Астрономер“, само неколку дена откако Енди Бајрон, исто така, поднесе оставка. Неговото заминување дојде откако „Астрономер“ објави дека ќе биде ставен на отсуство и под истрага.
Скандал што го зафати светот
Скандалот што доведе до вакви последици се случи на 16 јули на концерт на „Колдплеј“ во Бостон. Во тоа време, Бајрон и Кабот беа прикажани на големиот екран на популарната „Кис Кам“, додека стоеја во публиката, прегрнувајќи се.
Кога сфатија дека се во кадарот, двајцата одеднаш се повлекоа назад и се обидоа да ги сокријат лицата, што предизвика бура од коментари на социјалните мрежи. Ситуацијата дополнително ја зачини пејачот на бендот, Крис Мартин, кој се пошегува со публиката: „Погледнете ги! Или се во врска или се навистина срамежливи“.
Последиците од аферата
Енди Бајрон беше првиот што се соочи со последиците од своето неверство – прво неговата сопруга Меган го избриша неговото презиме од социјалните мрежи, а потоа, откако неговата милијардерска компанија „Астрономер“ започна внатрешна истрага, тој самиот поднесе оставка од функцијата извршен директор.