Коњановски: Историски инвестиции за Битола – 707 милиони денари за 65 проекти

Македонија

Општина Битола е најуспешна во рамките на вториот јавен повик од Владата за капитални инвестиции, освојувајќи вкупно 65 проекти во вредност од околу 707 милиони денари. Договорите беа официјално потпишани денес во Владата на Република Македонија од страна на градоначалниците на општините и претставниците на надлежните министерства.

Градоначалникот на Битола, Тони Коњановски, потпиша договори за проекти распределени во рамки на пет министерства. Најголем дел од нив се во надлежност на Министерството за транспорт – 27 проекти, следуваат 22 проекти во Министерството за животна средина и просторно планирање, 12 проекти во Министерството за образование и наука, како и по два проекта во Министерството за спорт и Министерството за култура.

 

„Ова е силен импулс за развојот на Битола. Со оваа поддршка, ја зајакнуваме инфраструктурата, образованието, животната средина и културата – сѐ со цел подобар живот за граѓаните,“ изјави Коњановски по потпишувањето на договорите.

Ова е продолжение на успешната реализација на проекти од страна на општината, која во првиот повик од септември 2024 година доби 16 проекти вредни околу 230 милиони денари, со дополнително кофинансирање од општината во износ од 45 милиони денари.

Со новите 65 проекти, Битола ги зацврстува своите позиции како една од водечките општини во реализацијата на капитални инвестиции во државата.