Меџити: ВЛЕН ја претвори правичната застапеност во закон — нешто што ДУИ не го направи за 20 години

Македонија

Во продолжение ви го пренесуваме целосниот говор на Првиот заменик на претседателот на Владата, г. Изет Меџити, по повод усвојувањето на овој закон:

Почитувани претставници на медиумите,
Почитувани граѓани,

Владата на Република Северна Македонија, на денешната своја седница, го усвои Предлог-законот за правична и соодветна застапеност.

Овој предлог-закон означува историски момент, бидејќи за првпат правичната и соодветна застапеност, како уставна категорија од 2001 година, добива јасно и целосно законско решение.

Иако требаше да биде уредено со закон уште од 2003 година, ова прашање беше оставено како залог на политичката волја повеќе од две децении.

Законот гарантира:
-Еднаква пристапност до вработување и напредување во јавната администрација;
-Правична и соодветна застапеност на сите заедници во јавните институции, притоа обезбедувајќи вработувањето и напредувањето да се вршат врз основа на заслуги и квалификации на секој поединец;
-Создавање институционални и процедурни механизми за спречување на дискриминацијата и зајакнување на инклузивноста.

Овој задоцнет, но неопходен чекор, конечно ја отстранува правичната застапеност од влијанието на дневната политика и ја претвора во законско право за секој граѓанин, без разлика на етничката припадност.

Усвојувањето на овој предлог-закон е доказ дека кога постои искрена политичка волја, резултатите не изостануваат. Со оваа одлука, Владата испраќа јасен сигнал за изградба на пофункционална, поправедна и навистина репрезентативна јавна администрација.