
Коњановски ќе предложи награда од три милиони денари за Еурофарм Пелистер
Градоначалникот на Битола, Тони Коњановски, најави дека на следната седница на Советот на Општина Битола ќе предложи доделување на парична награда од три милиони денари за РК Еурофарм Пелистер. Оваа иницијатива доаѓа како признание за освоената трета шампионска титула по ред и за огромниот придонес на клубот во промоцијата на градот, како на национално, така и на меѓународно ниво.
„Оваа титула не е само спортски успех, туку и голема гордост за сите битолчани. Затоа, како град, мораме соодветно да го вреднуваме она што клубот го направи за нашата Битола“, изјави Коњановски.
Градоначалникот упати и честитки до играчите, стручниот штаб и раководството на клубот за исклучителната сезона, а ги повика и сите граѓани да им оддадат почит на шампионите на големата прослава што ќе се одржи в недела од 20:00 часот на платото пред Офицерскиот дом.
Пред јавната прослава, РК Еурофарм Пелистер ќе одржи интерна завршна манифестација со акционерите и спонзорите на клубот, како дел од официјалното затворање на шампионската сезона.