
Муцунски од Париз: Франција е стратешки партнер и поддржувач на нашата европска иднина
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска престојува во работна посета на Париз, каде што оствари средба со својот француски колега, министерот за Европа и надворешни работи, Жан-Ноел Баро.
Муцунски преку социјалните мрежи соопшти дека средбата била одлична и конструктивна, а двајцата министри изразиле заедничко задоволство од досегашниот развој на билатералните односи. Разговарале за понатамошно продлабочување на соработката меѓу Северна Македонија и Франција, како на политички така и на економски план, особено преку интензивирање на врските меѓу компаниите и институциите на двете земји.
Муцунски упатил искрена благодарност за поддршката од Франција по неодамнешната трагедија во Кочани, нагласувајќи дека Париз е доследен пријател и партнер на Македонија. Тој се заблагодарил и за француската поддршка во процесот на евроинтеграција, кој останува стратешка цел на државата.
„Министерот Баро ја реафирмираше цврстата поддршка на Франција за нашиот пристапен процес, истакнувајќи дека неговата земја ќе продолжи да се залага за проширување на Унијата и активно да придонесува кон остварување на оваа наша цел,“ објави Муцунски.