
Над 30 диви депонии во Преспа: Почна кампања за чистење со поддршка од ЕУ
Со отстранување на дива депонија кај селото Царев Двор денес започна кампањата „Преспа, разбуди се за чиста средина“, која има за цел да ја подигне еколошката свест и да се справи со еден од најгорливите проблеми во регионот – неконтролираното фрлање отпад и користењето на пестициди.
Кампањата е иницирана од Институтот за комуникациски студии (ИКС) во партнерство со „Еко герила Преспа“ и Македонското еколошко друштво од Ресен, а е финансиски поддржана од Европската унија.
Градоначалникот на Ресен, Јован Тозиевски, изјави дека локалната самоуправа досега се соочувала со недостиг од опрема, но дека сега се набавени нови возила за собирање на отпадот.
„Имаме три комунални инспектори, но и покрај казните, ѓубрето останува проблем. Затоа сакаме да воведеме и систем за видео-снимање. Ги повикувам граѓаните ѓубрето да го носат во депонијата, каде одлагањето е бесплатно“, изјави Тозиевски.
Во рамките на кампањата, предвидено е чистење на осум од вкупно над 30 диви депонии во Преспа. Жителите на Ресен ќе добијат и канти за селекција на отпад: една за пластика и хартија и една за органски отпад од домаќинствата.
Проектот ќе вклучи и активности како средби со локалното население, вклучување на ученици преку училишни кампањи, како и ангажирање на бизнис секторот во одржувањето на чиста и здрава животна средина.