Нов лидер во рударскиот сектор: Диме Петроски избран за претседател на МАР

ЕКОНОМИЈА / ФИНАНСИИ

На вонредна седница одржана на 29 мај, Македонската асоцијација за рударство (МАР) избра ново раководство, при што за претседател на Асоцијацијата е избран Диме Петроски, дипломиран инженер геолог со повеќе од 23 години професионално искуство во рударството и геотехниката.

Кариерата на Петроски започнува во 1998 година како теренски инженер, а неговиот професионален развој вклучува водење на значајни проекти за истражување, развој и стабилизација на инфраструктурни објекти, хидрогеолошки истраги и инженерскогеолошки активности. Работел на проекти за домашни компании како ЕСМ и ЕЛЕМ, но и за интернационални партнери како Strabag Austria, како и компании од Велика Британија, Австралија, САД и Турција.

Во моментов, Петроски ја извршува функцијата директор за продажба во Градежен Институт Македонија АД Скопје, каде со своето лидерство и експертиза активно придонесува во бројни проекти во рударството и градежништвото.

По неговиот избор, Петроски изјави дека ќе се залага за модернизација на рударскиот сектор, јакнење на капацитетите на Асоцијацијата и градење силна соработка со сите засегнати страни.

„Моја заложба е да ја вратам Македонската асоцијација за рударство на местото кое ѝ припаѓа – како репрезентативен глас и столб на рударскиот сектор, кој е значаен двигател на економскиот развој на државата“, изјави тој, додавајќи дека ќе се залага за технолошки напредок, унапредени еколошки стандарди и рамноправно учество на сите членки во процесите на одлучување.

Од МАР изразуваат уверување дека новото раководство ќе придонесе за отворање на ново поглавје во стабилен и одговорен развој на рударскиот сектор во земјата.