Преспа добива нов граничен премин: Стартува проектот за поврзување со Грција

Балкан

Со јавен настан што ќе се одржи во четврток, на 5 јуни 2025 година, во општинската сала на Преспа, започнува реализацијата на проектот „BorPres2: Установување на граничен премин меѓу Грција и Република Македонија“.

 

На настанот ќе присуствуваат високи претставници од двете земји, меѓу кои и грчкиот министер за внатрешни работи Теодорос Ливаниос, заменик-министерот за внатрешни работи задолжен за Македонија и Тракија Константинос Ѓиулекас, министерот за внатрешни работи на Македонија Панче Тошковски, министерот за локална самоуправа Златко Перински, како и амбасадорот на ЕУ во Македонија, Михаил Ропс.

Програмата на настанот вклучува презентација на проектот од страна на Регионалната управа на Западна Македонија, како и три тематски дискусии:
1. Прекугранична поврзаност и соработка
2. Еколошко управување и одржливост во Преспанскиот басен
3. Поттикнување на локалниот развој и вклученост на заедницата

 

Проектот BorPres2 е со вкупен буџет од 7,5 милиони евра, финансиран преку програмата Interreg VI-A IPA „Грција – Северна Македонија 2021–2027“. Предвидува изградба на нов царински и полициски објект на грчка страна, како и реновирање и опремување на постојниот полициски пункт во Македонија. Проектот исто така вклучува создавање и промоција на прекугранична пешачка патека која ќе ги поврзе селото Свети Герман (општина Преспа) со Брајчино (општина Ресен).

Целта на проектот е воспоставување на целосно оперативен граничен премин, усогласен со шенгенските стандарди, со што ќе се зајакне безбедноста, поврзаноста и регионалниот развој во поширокиот преспански регион.