
Мицкоски: Владата донесе Оперативен план за вработување вреден 40 милиони евра, опфаќа над 16.000 граѓани
Оперативниот план за вработување за 2025 година има вредност од 40 милиони евра и предвидува ангажирање на над 16 илјади невработени лица. Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, на денешната прес-конференција информираше дека се очекува 65 проценти од овие лица да бидат млади до 29 години.
Мицкоски истакна дека оперативниот план за вработување, кој вклучува мерки и програми за понуда на работни места и поддршка на пазарот на трудот, е изготвен на последната владина седница.
“Еден од главните приоритети на оваа Влада е зголемување на благосостојбата на граѓаните, намалување на невработеноста и креирање на мерки насочени кон балансиран и ефективен пазар на труд, затоа на последната седница срочивме оперативе план за вработување вреден 40 милиони евра со кои ќе бидат опфатени над 16 илјади наши сограѓани, од кои 12,537 лица во активни мерки за вработување, а 3,520 лица во услуги за вработување.”
Премиерот објасни дека планот се фокусира на две клучни точки: “првата е директна поддршка за старт-ап бизниси на млади, втората работа е организиран пристап во сузбивањето на пожари за што ќе се вработат 400 пожарникари кои ќе се стават на располагање на општините каде ќе има потреба, како и дополнително вработување на 600 невработени лица кои ќе бидат ангажирани за јавни работи и општински проекти од инфраструктура и заштита на животна средина на локално ниво.”
Тој додаде дека се очекува големо учество на младите, бидејќи креираните мерки се токму насочени кон оваа категорија на граѓани.
Мицкоски потенцираше дека оперативниот план за активни програми, мерки за вработување и услуги на пазарот на трудот за 2025 година ги утврдува програмите, мерките и услугите за вработување кои ќе обезбедат креирање на нови работни места и зголемување на вработеноста, со акцент на младите, долгорочно невработените и корисниците на минимална помош.