
Одлична вест за Македонија – Во тек се преговори за „Рајанер“ да лета од Скопје
За време на неодамнешната посета на Лондон, македонските власти оствариле важна средба со раководството на ирската нискобуџетна авиокомпанија „Рајанер“ (Ryanair), со цел разгледување на можностите за воведување директни летови од и кон Македонија.
„Разговараме со ‘Рајанер’ за влез на македонскиот пазар. Досега, за жал, не се присутни, но очекуваме дека нивното пристигнување ќе значи многу во зголемување на бројот на директни линии и патници. Само за неколку месеци, со новата политика на субвенционирање, успеавме да обезбедиме 10 нови линии“, изјави министерот за транспорт Александар Николоски во интервју за МИА нагласувајќи дека трансформацијата на двата аеродрома – Скопје и Охрид – веќе дава резултати.
Минатата година, аеродромите бележеле драматичен пад од 25 до 30 отсто во бројот на патници, но новите мерки и субвенции ги оживеале амбициите за раст.
Кои се „Рајанер“?
„Рајанер“ е една од најголемите нискобуџетни авиокомпании во Европа, основана во 1984 година во Ирска. Компанијата оперира со флота од над 550 авиони, најголем дел од моделот Boeing 737-800, и има нарачано уште стотици нови авиони за проширување.
Секоја година, преку 160 милиони патници патуваат со оваа компанија, која е позната по ниските цени и бројните европски дестинации. Главниот дел од нивните линии се поврзуваат со аеродроми од втор ред, каде трошоците за слетување се пониски, што ѝ овозможува на компанијата да нуди пристапни летови.
Каде лета „Рајанер“?
Во моментов, „Рајанер“ има над 3.000 дневни летови, кои поврзуваат над 230 дестинации во 40 држави, вклучувајќи ги Обединетото Кралство, Германија, Италија, Шпанија, Франција, Полска и многу други. Нивното евентуално присуство во Скопје ќе значи значително зголемување на поврзаноста на Македонија со поголем број европски градови.