
Меџити: Над 500 тетовски домаќинства ќе добијат нов водовод преку проект вреден 15 милиони денари
Со симболично одбележување на почетокот на теренските работи, денес официјално стартуваше проектот за реконструкција и проширување на примарната мрежа за водоснабдување во населбата Вонвардарска во Тетово. Преку оваа инвестиција, која изнесува над 15 милиони денари и е целосно обезбедена како грант од Владата, над 500 домаќинства ќе добијат подобрен пристап до квалитетна и сигурна вода за пиење.
Присутен на терен беше првиот вицепремиер и министер за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити, кој заедно со градоначалникот на Тетово, Билал Касами, го следеше почетокот на работите.
„Ова не е само инфраструктурен проект, туку директна инвестиција во подобар живот за граѓаните. Со новиот водоводен систем ќе се спречат честите дефекти и загуби на вода што со години ги мачеа жителите на оваа населба,“ изјави Меџити.
Тој нагласи дека ова е дел од поширока владина стратегија за модернизација на основната инфраструктура во урбаните и руралните средини, со цел зголемување на квалитетот на живеење и одржливо управување со ресурсите.
Проектот се очекува да биде реализиран во наредните месеци, со континуирано следење и поддршка од надлежните институции.