Димитриеска-Кочоска: Интензивна соработка со Турција во борбата против финансискиот криминал

ЕКОНОМИЈА / ФИНАНСИИ

Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска оствари средба со турскиот министер за трезор и финансии Мехмет Шимшек, на која беше договорена интензивна соработка меѓу двете министерства во областа на даночната политика и борбата со финансискиот криминал. На средбата присуствуваа и директорите на Управата за јавни приходи, Елена Петрова, и на Управата за финансиска полиција, Слободан Ивановски.

 

Во фокусот на разговорите беше воспоставување на директна размена на информации за даночни ризици, спроведување заеднички даночни контроли и мониторирање на активностите на поврзани даночни обврзници. Дополнително, беше договорена и натамошна соработка меѓу Управата за финансиска полиција и Одделот за истраги на финансиски криминал на Турција.

Целта е преку размена на добри практики, знаења и искуства, како и ефикасна размена на податоци и информации, да се зајакнат институционалните капацитети на двете страни и да се овозможи поефикасна борба со финансискиот криминал.