Голем чекор кон опстанок на Миовски и соиграчите: Џирона победи после три месеци во Ла Лига (Видео)

Спорт

Џирона заборави да победува во Ла Лига и влезе во големи проблеми на крајот од сезоната во шпанската фудбалска лига, бидејќи наместо да собира бодови, се стави во ситуација да стравува за опстанок.

До денешниот натпревар против Мајорка, каталонскиот тим беше во серија од 11 натпревари на кои не ја почувствува сласта на победата, но тоа вечерва се промени благодарени на легендарниот Кристијан Стуани.

Искусниот напаѓач се најде во стартната постава на Мичел како играч кој знае да се носи со притисок, а тоа се покажа како полн погодок за Џирона.

Уругваецот постигна гол во 10-та минута и донесе далеку помирен натпревар за домаќините, кои иако не можеа да бидат целосно спокојни до самиот крај, сепак успеаја да го одбранат минималното водство.

Џирона оствари прва победа по пауза од три месеци и направи важен исчекор кон опастанок во елитата, а во завршницата од мечот, шанса доби и Бојан Миовски.

Македонскиот репрезентативец го замени стрелецот на голот во 87-та минута, што воедно е прва минутажа за него по пауза од пет натпревари.