КОЛКУ ПОРАСНАА ПРИХОДИТЕ И ПРОФИТИТЕ НА МАРКЕТИТЕ ЗА ШЕСТ ГОДИНИ И ДАЛИ СЕ ДОЛЖАТ НА ВИСОКИТЕ ЦЕНИ?

Македонија

Растот на приходите и на профитите на маркетите, кој се должи на високите цени на основните производи за секое домаќинство, на инфлацијата, но и на големите маржи на трговците, носи голем револт кај граѓаните затоа што го празни нивниот личен буџет како никогаш досега. Додека остварените финансиски резултати може да се сметаат како успех за маркетите, сепак нивниот успех го влошува животниот стандард на населението, притиснат од поскапувањето на животните трошоци.

Тој револт во минатиот петок ги натера Хрватите да ги бојкотираат маркетите и другите малопродажни места  во знак на протест против високите цени и големите профити на маркетите. Овој бојкот стана симбол на отпорот на потрошувачите, кои бараат фер цени и транспарентност од страната на трговските ланци.

Оваа ситуација ја отвора дилемата дали економските резултати на трговците треба да бидат толку високи во услови на растечка економска нееднаквост и сѐ поголема финансиска тензија во домаќинствата. Токму ова прашање ги поттикнува растечките тензиите меѓу трговците и потрошувачите, кои стануваат сѐ помалку трпеливи кон зголемувањето на цените.

Дали од истите причини може да се случи и македонските потрошувачи да започнат бојкот на трговците или пак тие се помирени со високите цени и со нив се справуваат преку намалување на секојдневната потрошувачка? Што покажуваат бројките за изминатите седум години, период во кој се случија големи турбуленции на пазарите?

Киппер маркети, КАМ и Стокомак имаат убедливо најголем раст на приходите во периодот 2018-2023 година. Во претпандемиската 2018 година, кога условите на пазарот беа мирни и редовни, Киппер маркети имаше вкупни приходи од 47,9 милиони евра, а во 2023 година ги зголеми на 175,2 милиони евра, што е повеќе од три пати. Во истиот период, најголемиот трговски синџир на мало во земјава, КАМ маркети ги зголеми приходите од 130,6 милиони евра на 269 милиони евра. Друштво им прави и Стокомак, кој во 2018 година имаше вкупни приходи од 51,8 милиони евра, а во 2023 година 138,5 милиони евра. Трите компании имаат континуиран раст на приходите во изминатите седум години. Веднаш зад нив се Кит-Го и Веропулос, со нешто поскромен раст на приходите, додека кај Тинекс и Рамстор се забележува стагнација во висината на приходите.

Извор: Бизнис мрежа