
Коњановски на средба со претседателите на месни заедници: Визија за развој на Битола
Градоначалникот на Општина Битола, Тони Коњановски, денес одржа средба со претседателите на месните и урбаните заедници, на која ги презентираше плановите за развој и инфраструктурни проекти во градот и околните населени места. На состанокот присуствуваа и секретарот на Општината Борче Димитровски, заменик-градоначалникот Бојан Бојкоски и раководители на одделенијата во општинската администрација.

Во своето обраќање, Коњановски најави продолжување на капиталните инвестиции, истакнувајќи дека Битола, со своите 64 населени места, ќе остане лидер во спроведувањето на крупни проекти.
„Градежната сезона во 2025 ќе започне со завршување на веќе започнатите активности, а истовремено ќе започнеме со нови проекти за кои средствата се веќе обезбедени во општинскиот буџет. Воедно, ќе аплицираме на повикот на Владата со комплетна проектна документација за патна, водоводна и канализациона инфраструктура, паркинг-простори, спортски терени и училишни сали, со вкупна вредност над 10 милиони евра,“ изјави градоначалникот.

Коњановски нагласи дека Општина Битола ќе продолжи посветено да работи во интерес на сите свои жители, акцентирајќи ја важноста на соработката со месните и урбаните заедници како клучен фактор за успешна реализација на сите зацртани цели.