
Марковски компани: Тајните релации Битола-Белорусија виа Белград
Заради соработката со белоруски државни фирми под покровителство на Лукашенко, сопственикот на Марковски компани, Борче Марковски станал почесен конзул на Белорусија, со што има привилегии во Северна Македонија. Рекордерот во милионски тендери, зема тендери и од „Србија шуми“, а сега е под истрага.
„Не е тука“.
Ваков одговор доби екипата на Радио Слободна Европа кога на 5 декември на адресата во Битола, каде се наоѓа фирмата „Марковски компани“, го побара сопственикот Борче Марковски.
Седиштетo на фирмата е во стан во центарот на Битола во кој не пречекаа двајца вработени. И покрај инсистирањето да се видиме со него сепак ни беше речено да оставиме само наш телефонски број.
До објавувањето на сторијата повик од Марковски не добивме.
„Марковски компани“ во последните пет години од државата има добиено најскапи тендери според цената на услугите и тоа често со непосредно спогодување.
Фирмата редовно, во изминативе десетина години добивала работа од „Електрани на Северна Македонија“ (ЕСМ) и подружницата „Рударско енергетскиот комбинат – Битола“ (РЕК – Битола) и за пет години склучиле 66 договори кои чинат 141 милион евра, а фирмите подизведувачи го поврзуваат со семејството на поранешниот премиер Зоран Заев.
За „сомнителни“ тендери за прв пат почнаа истраги и државното Обвинителство и Финансиската полиција.
Сопственикот Борче Марковски од 2016 година е и почесен конзул на Белорусија поради „добрите економски релации со оваа земја“.
Неговата фирма во Белорусија била претставена како соработник на државни компании кои пак се поврзуваат со претседателот Александар Лукашенко и се под санкции на САД, а во одреден период и на ЕУ.
Марковски има фирма и во Србија, и таму редовно добива тендери од „Србија шуми“.
Ликот на Марковски не може да го видите во медиумите и недостапен е за новинарите.