
Коњановски: Битола е центарот на македонскиот бокс
Битола беше домаќин на 30-то поединечно Државно првенство во бокс, каде спортската сала „Боро Чурлевски“ блесна со енергија и страст за овој спорт. Настанот, кој ја собра елитата на македонскиот бокс во сите возрасни и тежински категории, ја потврди Битола како центар на спортскиот дух и традицијата.

Градоначалникот Тони Коњановски го истакна значењето на овој спортски хепенинг, со посебен акцент на возобновувањето на култниот турнир „Битолски победник“. „Битола, како спортски град и дом на еден од најдобрите боксерски клубови – БК Пелистерски јунак, гордо го прифати предизвикот. Возобновувањето на ’Битолски победник‘ е симбол на нашата посветеност за спортот и за градот како носител на традициите и иднината,“ изјави Коњановски.
На првенството, кое беше организирано од националната боксерска федерација предводена од Кристијан Андреевски, со поддршка на Општина Битола и БК Пелистерски јунак, се добија новите државни шампиони.

„Публиката во Битола имаше можност да ужива во врвниот спортски настан, а оваа традиција ќе продолжи. ’Битолски победник‘ беше последен пат организиран во 1996 година, а сега, со поддршка на сите нас, го враќаме овој симбол на македонскиот бокс,“ додаде градоначалникот.
Со враќањето на овој историски турнир, Битола ја зацврстува својата улога како лидер во спортскиот развој и промотор на македонските спортски вредности.