
„На изборите се одлучува дали Али Ахмети ќе газдува со државата ИЛИ МАКЕДОНИЈА ЌЕ СЕ ОСЛОБОДИ СО ВЛАДА ОД ВМРО-ДПМНЕ“
Денес почнуваме со кампања за парламентарните избори, по мене ова се најбитни избори кои што и се случуваат на Македонија, избори кои што ќе ја определат иднината на Македонија во следните 20 до 30 години. Ние очекуваме убедлива историска победа, победа која што ќе значи комплетно ресетирање на Македонија, борба со криминалот и корупцијата, враќање на националната гордост на Македонците и бројни проекти кои што ги планираме во следниот период, вели потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски во однос на очекувањата од кампањата во линковско вклучување во централниот Дневник на телевизија Сител, од големиот народен митинг во Охрид, од каде што ВМРО-ДПМНЕ традиционално ја почнува секоја предизборна кампања за парламентарни избори.
Затоа што, додаде Николоски, да и погледнеме на вистината во очи, во овој момент една мала клика која што е само оптеретена со лични интереси и владее со Македонија и мислам дека е недозволиво, Талат Џафери да продолжи да биде премиер на Македонија, така што битката на овие избори е ВМРО-ДПМНЕ да освои најголем број пратеници за да може да формира Влада која што нема да биде уценувана од никого.
Николоски посочи дека ВМРО-ДПМНЕ ја има до сега најсеопфатната програма наречена „Платформа 1198“, каде што планираме бројни проекти за цела држава, при што на кратко наброја неколку од нив.
„Планираме целосна децентрализација на финансиите. 250 милиони евра секоја година да се спуштаат во општините. Еве сме сега во Охрид, Охрид секоја година ќе добива осум милиони евра дополнително на буџетот кој што го има општината, тоа се 32 милиони евра за еден инвестициски четири годишен циклус, а тоа е една милијарда за сите општини заедно“, рече Николоски.