
ОТВОРЕНО ПИСМО Богојески до Реис ул Улема за Рамазан Бајрам
Лидерот на партијата Македонски Концепт Петар Богојески испрати отворено писмо до поглаварот на Исламската верска заедница Реис ул Улема Шаќир Фетаи и го честиташе големиот муслимански празник Рамазан Бајрам.
Почитуван Реис ул Улема,
упатувам честитки до вас и до сите верници од Исламската верска заедница по повод празникот Рамазан Бајрам, со желба за мир, просперитет и среќа во вашите семејства.
Посакувам овие денови на вашето чествување да ги поминете во мир и хармонија исполнети со среќа и радост и споделувајќи љубов со ближните.
Особено сум радосен што вие сте поглавар и на дел од мојот род македонски, Македонците со исламска вероиповест, кои се зеница во нашите очи и доверени на вашето праведно водство.
Без разлика на вашата лична етничка припадност, ние на вас гледаме како на водач на сите муслимани од Македонија, од кој очекуваме разбирање и почит кон сите наши сограѓани.
Сите да допринесеме со посветеност кон духовната свежина што ја носи месец Рамазан, традиција која и ние христијаните ја почитуваме во смисла на практикување на добри дела, зајакнување на почитта и надежта дека сите граѓани на Македонија ќе се најдеме во ваши молитви, кои ќе бидат од Бога услишени!
Националниот мир е најскапото што можеме да го имаме и мораме да го ставиме целиот свој потенцијал во служба на негово одржување, пред се од страна на верникот кој има Божја заповед за негување на мирот и благосостојба меѓу луѓето каде и да живеат и работат.
Упатувам апел за меѓуверската и меѓуетничката толеранција, взаемното разбирање и почит, бидејќи Македонија е една држава за сите граѓани.
Ова се тешки времиња на искушенија за сите верници, а нашите празници секогаш се тука да не сплотат сите во молитвите за благосостојба за сите.
Мир и милоста Божја да бидат врз вас! – гласи честитката на Богојески.