
МКонцепт потпиша Меморандум со Работничка партија за РЕФЕРЕНДУМ за граѓански Устав
Една од клучните определби во нашата Доктрина е воспоставување на редовна пракса на непосредна демократија, или редовно изјаснување на граѓаните на референдуми по различни прашања од нивни интерес, истакна лидерот на новата партија Петар Богојески, при потпишување на Меморандум за соработка со Работничката партија.
Целта на тој Меморандум за соработка помеѓу двете партии е организирање на граѓанско референдумско изјаснување за неколку клучни прашања, како донесување на граѓански Устав во земјата, воспоставување на кривично дело за негирање на македонската посебност и постоење, измени на изборниот законик и начин на финансирање на партиите, вклучително една изборна единица и отворени листи и други значајни реформски прашања.
Горан Зафировски, лидер на Работничка партија исткнува дека оваа соработка помеѓу партиите треба да се прошири во повеќе области, особено за измени на Законот за референдуми, како би се спречиле злоупотреби на власта и манипулации со организирање на референдумите.
Меморандумот беше потпишан во уникатна атмосфера во производствен погон на мало претпријатие на поддржувачи на политиките на Македонски Концепт, како партија која иднината на економскиот развој ја гледа токму преку развој на малите и средни претпријатија во земјава.