НАЈСИЛНИОТ ГОВОР НА ВУЧИЌ ДОСЕГА: Пуштете нè да ја водиме државата сериозно и одговорно, а резултатите покажуваат сè!

Свет

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, се обрати од Париз, каде денеска во Елисејската палата се сретна со претседателот на Франција, Емануел Макрон.

– Имав многу добар и значаен разговор за многу важни теми со францускиот претседател. Исклучително сум задоволен што дојдов во Париз и што разговарав со Макрон. Има многу работи за кои не можам да зборувам. Ја очекувам посетата на Макрон на почетокот на следната година. Верувам дека можеме да потпишеме големи работи кога ќе дојде во Белград. Ќе има многу детали за кои ќе зборуваме, но не денеска – изјави Вучиќ.

Главна тема на разговорот биле ситуацијата на Косово и инвестициите.

– Зборував за фрустрацијата на нашиот народ во Косово бидејќи ветеното не се исполни – рече Вучиќ.

Според Вучиќ, нема да има средба со премиерот на Косово, Аљбин Курти.

– Нема причини зошто би бил оптимист за Приштина. Му кажав на Макрон дека бараме само статусно неутрални таблички, како што пишува во договорот – нагласи Вучиќ.

Зборувајќи за настаните на Косово и Метохија, Вучиќ истакна дека секогаш е подготвен на компромис, нагласувајќи дека не верува дека ќе има, поради приштинската страна.

– Кажавме какви се условите за враќање во институциите, но не знаеме што ќе биде понатаму. Имавме добра средба поради нашите билатерални и други односи, а што се однесува до Приштина не сум оптимист. Денеска го донесов документот за табличките и му ги покажав на Макрон – изјави Вучиќ и додаде дека околу табличиките некои работи се невозможни.

– Ги решивме личните карти, а потоа ми рекоа „Те молам, направи го тоа“, ќе преземеме се што се однесува на табличките, и го направивме тоа, но ништо не се случи – рече Вучиќ, зборувајќи за САД и неисполнувањето на условите.

Претседателот се осврна и на војната во Украина, додавајќи дека е добра вест што има некои разговори, бидејќи тоа е показател дека ќе се постигне некакво решение.

– Мислев дека Русите ќе дадат поголем отпор околу Херсон, но се излажав. Мораме да бидеме свесни дека треба да си ја креираме сопствената иднина, во воена смисла треба да се грижиме за себе, да ја чуваме воената неутралност, бидејќи тоа е доказ за нашиот слободен пристап, да бидеме свои, да зачуваме добри односи со нашите пријатели на Запад и Исток. Јасно ни е колку ни е тешка позицијата – рече Вучиќ.

Ќе се грижиме за себе, многу подобро од претходно, зачувувајќи ја нашата воена неутралност, додаде Вучиќ.