
ОМИЛЕНИ БИЗНИСИ на премиерите – Љубчо Георгиевски
Георгиевски стана „средно богат бизнисмен“ по падот од власт
Во 1998 година голема победа за ВМРО-ДПМНЕ, на чело на владата застанува Љубчо Георгиевски и ќе ја предводи до 1 ноември 2002 година.
Георгиевски мандатот го поминува во исклучително тензичен и тежок период – воениот конфликт во 2001 година, претходно бегалската криза на Косово која резултираше со бегалски егзодус на границата со Македонија.
Георгиевски беше осомничен во истрага на поранешното специјално обвинителство „Поштенска банка“ за злоупотреба на службена должност.
Станува збор за перење на пари во вредност од 5 милиони евра, преку „Македонска пошта“ која до тогаш е во државна сопственост каде што влегле со капитал добиен од кредити неколку бизнисмени.
Од бизнис аспект, владеењето на Георгиевски го одбележа отворањето на македонската економија за грчки капитал, по долгогодишните замрзнати односи поради спорот за името.
Во негово време беше продажбата на државната рафинерија „Окта“ на грчката „Хеленик петролеум“. Во 2000 година, Националната банка на Грција стана сопственик на Стопанска банка Скопје.
СДСМ која беше во опозиција потоа со години го обвинуваше за корупција при продажбата на Окта. И Антикорупциска и Обвинителството ги истражуваа овие наводи, но никогаш немаше судски епилог.
По падот од власта влезе во приватниот бизнис. Во едно интервју за неговото богатство рече дека е „средно богат бизнисмен“.
Тоа се покажува денес, кога Георгиевски е инвеститор во низа градежни проекти во Скопје и сопственик на новиот хотел покрај Царинската Управа, сето тоа секако благодарение на заштеда од платите од времето кога беше премиер.