(Видео) Северна Кореја лансираше проектил врз Јапонија, САД се подготвени за „силен одговор“

Свет

Проектилот лансиран кон Јапонија потоа завршил во морето. Токио ги повика граѓаните да бараат засолниште. САД се подготвени за „силен одговор“.

Утрово (вторник) јужнокорејскиот претседател Јун Сук-Јол вети „силен одговор“ на севернокорејското лансирање на балистичка ракета со среден дострел што ја прелета Јапонија. Властите во Токио ги повикаа граѓаните да најдат подземни засолништа.

Северна Кореја „очигледно ги прекршува универзалните принципи и стандарди на Обединетите нации“, рече Јун и вети цврст одговор, најавувајќи „соодветна акција во партнерство со САД и меѓународната заедница“.

САД се подготвени за „силен“ одговор

САД од своја страна ќе се консултираат со своите сојузници за, како што велат изворите од Белата куќа, силен одговор на лансирањето на севернокорејската ракета во правец на Јапонија.

Советникот за национална безбедност на САД, Џек Саливан, веќе разговараше со своите јужнокорејски и јапонски колеги за да се изработи „адекватен и силен меѓународен одговор“ и да се потврди „челичната посветеност“ на САД во одбраната на Јапонија и Јужна Кореја.

„Северна Кореја лансираше неидентификувана балистичка ракета кон исток“, се вели во соопштението на началникот на генералштабот на Јужна Кореја, без да наведат дополнителни детали.

Јапонската крајбрежна стража, исто така, го потврди лансирањето на сомнителен севернокорејска балистички проектил, предупредувајќи ги бродовите да бидат внимателни.

Оваа година, нуклеарно вооружената Северна Кореја изврши рекорден број тестови на оружје, а последно лансираше балистички проектили со краток дострел дури четири пати минатата недела.

Интензивниот период на тестирање на оружје во Пјонгјанг доаѓа кога Сеул, Токио и Вашингтон ги зајакнуваат заедничките воени вежби за да се спротивстават на растечките закани од Северот.

Јужна Кореја, Јапонија и САД одржаа вежби против подморници во петокот – први во последните пет години, а ваквите вежби ја разбеснуваат Северна Кореја, која ги гледа како доказ за инвазија.

Потпретседателката на САД, Камала Харис, минатата недела беше во Сеул, а патувањето имаше за цел да ја нагласи „челичната“ посветеност на нејзината земја за одбрана на Јужна Кореја од Северот.

Јужнокорејските и американските власти, исто така, со месеци предупредуваат дека севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун се подготвува да изврши уште една нуклеарна проба.