
(Фото) Свекрвата и снаата се смирија: Викторија Бекам и Никола Пелц ги закопаа секирите
Дизајнерката и поранешна фронтменка на „Спајс Грлс“ (Spice Girls), Викторија Бекам, направи групна фотографија на која позира и нејзината снаа Никола Пелц, на модната недела во Париз. Фотографијата Викторија ја сподели на својот Инстаграм профил.
Ова е прва заедничка фотографија на Викторија Бекам и манекенката Пелц по гласините за голема караница меѓу двете.
„Ве сакам сите многу“, пишува Викторија во објава со фотографијата.
View this post on Instagram
На почетокот на септември, Дејвид Бекам интервенираше во конфликтот меѓу неговата сопруга и снаата. Поранешниот фудбалер на англиската репрезентација сериозно разговараше со својот син и побара од него да престане да вади валкани алишта во јавноста, повикувајќи се на интервјуто што Пелц неодамна го даде за американското списание „Грациа“ и во кое детално објаснува за конфликтот со Викторија кој „се влече“ уште во периодот пред свадбата.
Првиот конфликт меѓу снаата и свекрвата се случил кога Викторија непосредно пред венчавката се изјаснила дека не може да стаса да ја направи венчаницата на Никола, па така идната невеста морала да се обрати за нова креација во ателјето на Валентино.
– Стапивме во контакт за да почнеме да работиме на венчаницата, а потоа поминаа неколку дена и не се слушнав со неа. Тогаш Викторија ѝсе јави на мајка ми и ѝ рече дека нејзиното ателје нема да може да ја направи оваа нарачка. Кoга тоа го дознав си реков: „Па, за жал, не успеа, па што да правам следно?“. Долго време сум обожавателка на Валентино, и отидов во ателјето на Валентино – изјави неодамна Никола во интервјуто за списанието „Грациа“.
Подоцна, Никола Пелц објави семејна фотографија со сопругот и мајка си откако во јавноста се дозна дека Дејвид Бекам сериозно разговарал со Бруклин и побарал од него да престане да вади „валкани аишта“ во јавноста.
Пинг-понг изјавите со голема доза на нетрпеливост ескалираа, очигледно сè до овој момент кога снаата и свекрвата на модната ревија во Париз, одлучија заеднички да позираат порачувајќи дека ги закопале воените секири.