НАМАЛУВАЊЕ НА ДАНОЦИ е излез од моменталната криза според Богојески

ЕКОНОМИЈА / ФИНАНСИИ, Изјави, Македонија

Огромната инфлација од преку 15% и тешката финансиска криза во која западна земјава, постепено ја наметнува клучната тема за дискусија, а тоа е како да излеземе од истата.

Економскиот тим на Владата, кој се покажа како најнеспособниот од сите до сега во последните 30 години, зазема курс на зголемување на даноците, барање на нови данични основи, буквално префрлање на целокупниот товар на кризата врз грбот на бизнисот и граѓаните.

Тоа наиде на сериозни критики на домашната експертска јавност, но не изостанаа и реакциите на опозицијата. Повеќето од нив беа критички настроени, преку негодувања од актуелните владини политики, без да се понудат решенија како да се излезе од актуелната состојба.

Единствено од опозицијата со конкретно решение излезе Петар Богојески од МКонцепт, кој докторира во областа на јавното претпиемништво на Економскиот факултет при УКИМ и кој ги понуди принципите на фискалниот конзерватизам за применливи во Македонија.

Што всушност посочи Богојески за излез од актуелната криза?

Неговиот предлог е донесување на брзи политички и економски мерки за јасна фискална политика во следните неколку години, со што бизнисот ќе биде на чисто за претстојните ризици и ќе може да изгради свои стратегии на чисто пазарни основи, со што економијата ќе започне да заздравува.

Таа јасна фискална политика, според Богојески треба да биде итно намалување на даноците, намалување на непродуктивни државни трошоци и социјални трансфери, ограничување на државниот долг преку утврдување на максимален износ, итна дерегулација во бизнис секторот и приватизација на низа јавни дејности, преку пренесување на јавни овластувања на приватниот сектор.

Само преку намалување на даноци, ќе се намалува сивата економија и ќе растат приходите во Буџетот. Ова што го прави Владата е со обратен ефект, ја зајакнува сивата зона, а го девастира и она малку што остана од бизнисот и приходната страна на Буџетот.

Многу значајно за Богојески е преземање на фискалната одговорност од страна на Владата, а не пренесување на „вината“ врз приватниот сектор и граѓаните. Тоа подразбира и мораториум на вработувања во државната администрација, а не планирање на нови по етнички клуч 15.000 работни места, укинување на непрепознатливи институции, забрана за било какви набавки на „луксуз“ како мебел, возила, храна и пијалоци, службени патувања и надоместоци, вишоци и награди по администрација и сл.

За сметка на тоа, целосно зголемување на капитални инвестиции, особено во производството на храна, туризам и енергетика. Сето тоа пропратено со воспоставување на фискална дисциплина на целата територија на земјата, со драстично ограничување и сведување на буквална износ нула на „државните дарови“ за Општините.

Без овие мерки, кои треба да се воспостават за најмногу 30 денови, ние ќе западнеме во таква криза, налик на онаа во Грција од пред неколку години, буквално банкрот на државниот Буџет. Само намалени даноци и зголемени инвестиции во продуктивни области ќе ги зголеми проходите и ќе спречи банкрот на државата – смета Богојески.