
ХАЈРЕДИНИ: Етничките вработувања се внесување на партиски милитанти во администрација
Поранешниот министер за финансии Џевдет Хајредини вели дека јавната администрација е толку многу партизирана, што од неа зависи и одржувањето на коалицијата на власт.
– Тој систем, балансер за правична застапеност, е резервиран за влегување на партиските милитанти во јавната администрација, да не работат ништо и да земаат плата без да одат на работа. Дури на некои платата им доаѓа дома.
Но, само така се обезбедува стабилна коалиција. Еве прашувам зошто влезе во владата Алтернатива, чиј министер сега го реорганизира балансерот? Одговорот е јасен, да добијат министерски места и да вработат цела армија сопартијци во административци. Таа е целта.
За еден пратеник кој треба да балансира во коалицијата, во функција се става цела администрација. И затоа, велам, какво било задирање во овој систем ја доведува во прашање коалицијата на власт, бидејќи владата се потпира токму на ова.
Партиите од ова нема да се откажат и затоа не можат да се спроведат реформи ниту може да се очекува некакви чекори во однос на промени и воведување на мерит-систем – вели Хајредини.
Тој е убеден дека во земјава нема таква власт која ќе се зафати со процесот на вистински реформи во јавната администрација.
– Во оваа востановена партиска практика тешко е да се воведува некаков систем кој ќе обезбеди квалитет и стручност на вработените во јавната администрација – вели тој.