
БУГАРИТЕ ЛУТИ, Пендаровски ја спомнал ќерката на САМУИЛ
Еден графит на споменикот на цар Самуил во центарот на Скопје дека е „Цар на Македонија“ предизвика бура од незадоволство во соседна Софија.
Се разбира, во контекст на преговорите на заедничката комисија за прашања од историјата и учебниците, во кои бугарската страна очекува цар Самуил да влезе во македонските учебници за 7 одделение како бугарски цар, наследник на бугарското царство, а за што нашите историчари и политичари, наводно, изразиле подготвеност за прифаќање!?
Сепак кулминацијата е достигната после прифаќањето на „францускиот предлог“, за кој Бугарите помислија дека им дава право да ни диктираат на нас Македонците лекции по историја, а ние само да ги запишуваме и прифаќаме. Од таа нивна романтична замисла, надвор од контрола излезе Пендаровски, кој при посета на Црна Гора и заедничкото поставување со својот домаќин, црногорскиот претседател Мило Ѓукановиќ, на спомен-плочата на кнезот Владимир и принцезата Косара на истоимениот плоштад во Бар, тој изјави дека станува збор за македонска принцеза.
Тоа веќе предизвика нова хистерична политичка бура во Софија, особено кај т.н. бугарски патриоти по социјалните мрежи.
Бугарите вознемирени прашуваат кој е тој Пендаровски без никакви дилеми во својот настап, принцезата Косара, ќерка на царот Самуил, да ја именува како македонска принцеза. Тие се повикуваат на изјавите на новопечениот „заслужен академик“ и директор на Институтот за национална историја, Драги Ѓоргиев, кој тврдел обратно, дека Самуил и децата биле Бугари.
Тие во знак на омаловажување кон Македонија, користејќи се со вулгарен говор на омраза, кажуваа дека Косара мора да биде бугарска согласно француски предлог или компромисно „северномакедонска“ принцеза! Дека од „бугарски цар, наследник на бугарското царство“, не може да постои македонска принцеза! А, во духот на мултиперспективниот поглед врз историјата „северномакедонска“ би било во „согласност“ со новата реалност.
Ова е само една од дирекните последици на прифаќањето на т.н. француски предлог, чии последици се правење на некаков трул компромис за отуѓување на делови од македонската историја и личности, без разлика на кои историски периоди им припаѓаат.
Што е поважно, од реакциите на Бугарите најилустративно може да се види апсурдот од таквите решение, кои не само што не ја подобруваат состојбата и односите помеѓу двете земји, туку обратно, прави ништо друго, а тоа е основ за политички се лицитира за припадноста на македонската историја и за значајни личности од неа и од македонската култура, традиција и митологија.
Посетата на претседателот Пендаровски на Црна Гора и поставувањето на спомен-плочата на црногорскиот кнез Владимир и македонската принцеза Косара на истоимениот плоштад во Бар покажа дека историските случувања и личности се вистински мост за современо доближување меѓу две држави и два блиски народи, со многу проблеми и сличности во своето егзистирање. А, љубовта е легендарен мотив и предание за историската и културната меморија на двата народа.
И дали за да се дојде до ова претседателот Пендаровски можеби требаше да бара дозвола од некого во Бугарија?!
Токму за блискоста и сличностите меѓу двете држави и двата народа, пред неколку недели беше објавена книгата „Македонија и Црна Гора-Културноисториски и книжевнотворечки контекст“ од проф. Илија Велев. Книгата е на црногорски јазик и е заедничко издание на Матица црногорска и на МАНУ, а треба да се појави и на македонски јазик.
Во соопштението на Матица црногорска меѓу другото стоеше дека проф.Велев во оваа научна студија на 450 страници тргнува од ставот дека Македонија и Црна Гора, преку историскиот континуитет на Дукља и Зета, со векови цивилизациски и културно проникнуваат. Како дел од Балканот, со низа историски прилики, овие земји и народи живееле со последиците на глобалните културноисториски процеси.
Затоа Црна Гора и Македонија имале заедничка историска и културолошка судбина да се наоѓаат во составот на повеќе империи и држави, заклучно со југословенската федерација. Вредно е да се напомене дека Охридската Архиепископија била со векови надлежна Црква во Црна Гора, а Црногорците поради тоа биле именувани како „Македонци“, што говори за нашата блискост во минатото.