ГАРГАМЕЛ повторно тресе зелени, ПОЖАРОТ на Ламбе го збунил

Изјави

Поранешниот премиер и некогашен несреќен специјален претставник во спорот со Бугарија, Владо Бучковски – Гарги, во разговор за бугарски ЕВРОЊУЗ ги коментираше актуелните случувања меѓу двете земји, со акцент на пожарот во Некултурниот центар „Ванчо Михајлов“ во Битола.

Иако Бучковски звани Гарги во интервјуто изрази чудење дека токму пејачот Ламбе Алабаковски е лицето кое го подметнало пожарот, сепак, истакна дека не верува оти овој инцидент ќе влијае на бугарско-македонските односи.

Тој е убеден дека ваквите инциденти се реакција на она што го прават двете влади, а изрази и жалење поради тоа што Франција мора да биде посредник меѓу пријателски народи и сојузници во НАТО – алијансата за решавање на билатералните прашања.

„Пријателите разговараат без посредници. Но, проблемот меѓу двете земји веќе не е локален, туку е таков што ги загрозува геостратегиските интереси на Европската Унија, но и пошироко. Тоа создава проблеми и во НАТО. Ние сме сојузници во НАТО и поради нашиот проблем, во време кога има војна во Украина, не може да има таква тактика околу одлуките. Одлуката мора да се стави на маса за да се види разликата меѓу политичарите и лидерите – рече Бучковски.

Професорот со привилегии Гарги смета и дека со укинувањето на бугарското вето нема да се случуваат вакви инциденти бидејќи, како што вели тој, „ветото ги поттикнува националистите во двете земји“.

„Очигледно, ова не е решение бидејќи не спречува да преминеме во нова фаза од нашата врска. Ветото ги поттикнува националистите во двете земји. Но, дел од одлуката е и почитувањето на рамковниот договор, промената на преамбулата на македонскиот Устав, во која Бугарите треба да влезат како еден од народите во македонската нација – истакна Бучковски.

Гарги додаде и дека во Македонија постои волја за вметнување на Бугарите во Уставот и посочи дека и опозицијата и мнозинството граѓани го поддржуваат тоа. Според него, овие прашања можат да се решат за два дена, но проблем се гаранциите и меѓусебната недоверба, па затоа Франција или ЕУ мора да бидат гарант дека ќе се спроведе договореното.

„Оптимист сум дека прашањето може да се реши до крајот на јуни – заклучи Бучковски.