
ФИНСКА ќе го збогати НАТО со 280.000 војници и 900.000 обучени резервисти
Пристапувањето на Финска во НАТО ќе ја „зајакне“ безбедноста на регионот на Балтичкото Море и северна Европа, изјави министерот за надворешни работи на земјата Пека Хаависто.
Тоа Хаависто го објави во неговото обраќање пред Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент.
„Пристапувањето на Финска ќе ја зајакне безбедноста и стабилноста на регионот на Балтичкото Море и северна Европа“, им рече Хаависто пред пратениците на ЕУ“. Хаависто ги изложи дополнителните придобивки од финското членство.
„Од перспектива на НАТО Финска има цврсти демократски акредитиви кои ги исполнуваат критериумите за членство во НАТО и има силна и кредибилна национална одбрана која е интероперабилна со НАТО“, рече тој.
„Убедени сме дека Финска ќе донесе дополнителна вредност на НАТО. Нашата сила на одбранбените сили за време на војна е 280.000 војници, а обучената резерва е 900.000 мажи и жени“, продолжи Хаависто.
Тој, исто така, се осврна на последиците од руската инвазија на Украина, нарекувајќи го „непредвидливо“ однесувањето на Москва.
Инвазијата на Украина е „напад против целиот европски безбедносен поредок“, рече Хаависто, кој ја нагласи потребата ЕУ да направи максимум за да и даде на Украина политичка, воена, економска и хуманитарна поддршка.