РЕФОРМИ ВО СДСМ: Георгиев – треба да се каже НЕ на партијата

Политика

Политикологот Гордан Георгиев, кој е поранешен потпретседател на СДСМ, вечерва во „Топ тема“ на ТВ Телма рече дека редовно ја критикувал оваа влада за многу други теми, иако е припадник на СДСМ.

„Ние малку се научивме каде што постоеја тематски прес-конференции, каде што се заташкуваше политичката одговорност, а сега се фаќаме за најмали детали кои не се неважни, тие се важни и тоа кажува дека власта многу полека научува да биде транспарентна, вели Георгиев.

Според него, јавноста во земјава се буди.

„Тоа е многу добро и воспоставува стандарди од кои понатаму не би требало да има назад“, рече Георгиев.

Тој посочува дека авторитарната природа на партиите не овозможува премногу слобода на искажување сопствен став.

-Тешко е да се каже „не“ кога сте дел од една партија. Обично некои работи се разговараат внатре во партијата и потоа се излегува со заеднички став. Изборниот модел во Македонија, нивото на внатрепартиска демократија и културата на постоење на шефот, што ќе каже шефот се проблем, бидејќи не му дозволуваат на политичарот од пониските ешалони да има свој став, макар и различен од шефот.

Мојот став е дека е важно да се каже не во одредена ситуација. Тоа го буди внатрепартискиот живот. Делумно изборниот модел може да ја отвори внатрепартиската демократија за да филтрираат добрите кадри и кои ќе знаат да кажат не кога треба да се каже не, категоричен е Георгиев.