
ОЈО чека, Бујар никако да се јави за руските шпиуни
Основното јавно обвинителство чека од министерот за надворешни работи Бујар Османи да ги пријави државните службеници кои работеле против постигнување на договор со Бугарија за деблокада.
Шефот на дипломатијата вчера соопшти дека е известен од бугарските власти за лица од Македонија, вработени во државни институции, кои агитирале да не се постигне било какво решение и да не се потпише никаков договор со кој би се придвижиле процесите. Сепак Османи избегна да одговори прецизно за кого станува збор и дали се лица вработени во безбедносните и разузнавачките структури.
Засега нема докази дека протераните руски дипломати од Македонија работеле заедно со лицата кои во Бугарија се осомничени за шпионажа во корист на Русија, но Османи е дециден дека контекстот на делување е ист.
– Обвинителството до сега не е информирано за склучајот. Институциите кои утврдиле постоење на елементи на кривично дело, соодветните докази треба да ги достават до обвинителството кое согласно своите надлежности понатаму ќе ги гони сторителите на кривичното дело, гласи ставот на ОЈО.
Од Владата засега не сакаат да ги именуваат административците и од таму велат дека станува збор за класифицирани информации. Единствено е познато дека информацијата е проследена до безбедносните служби.
Со случајот запознат е и претседателот Стево Пендаровски, но останува непознато кои се државните слуќбаници, колкумина се и дали имаат пристап до доверливи информации.