Шилегов тврди: Тројца поранешни градоначалници на Кочани се влечат по судови без вина

Македонија

Тројца градоначалници на општина Кочани се обвинети во случајот со пожарот во дискотеката „Пулс“, иако тие се „ни криви ни дужни“ и немаат никаква јурисдикција над издавањето на спорните лиценци, тврди адвокатот Петре Шилегов. Тој предупредува дека обвинението е поставено надвор од здравата логика и правната наука.

Зборувајќи од сопственото искуство како поранешен градоначалник, Шилегов децидно појасни дека првите луѓе на општините немаат никаква законска обврска или моќ околу овој процес. „Во опис и попис на работните места на тие луѓе никаде не постои издавање на лиценца или контрола на лиценцата“, потенцираше тој.

Според неговите зборови, доколку еден правен субјект ги поднесе петте потребни документи предвидени со Законот за угостителство (тековна состојба, барање со платени такси, изјава и елаборат за минимално-технички услови и потврда од МВР за паркинг), администрацијата е должна во рок од 15 дена да ја издаде лиценцата, и тоа без воопшто да изврши увид на лице место. Овие документи ги процесираат службениците, а на крајот стигнуваат кај министерот кој мора да ги потпише, бидејќи во спротивно тоа би значело злоупотреба на службената должност од негова страна.

 

„Не можете луѓе коишто работеле во државната администрација во процесот на издавање на лиценците на кабарето да ги обвините дека го предизвикале, односно подметнале пожарот“, заклучува Шилегов, додавајќи дека доколку постојат сомнежи за незаконско работење при издавањето на документацијата, тие лица треба евентуално да се гонат за други кривични дела како злоупотреба на службената должност или примање мито, а никако за „предизвикување општа опасност“ за што се моментално обвинети.