Голема еколошка акција на ЈКП „Комуналец“ – Прилеп во населбата Тризла
ЈКП „Комуналец“ – Прилеп во соработка со жителите на населбата Тризла успешно ја реализираше неделната акција за чистење, во која беа опфатени повеќе локации низ населбата.
Во акцијата учествуваа граѓани, вработени од јавното претпријатие, како и механизација, алат и транспортни возила. Се чистеа диви депонии, ромските гробишта, јавни површини и повеќе улици во населбата. Граѓаните активно се вклучија во расчистувањето, при што многу домаќинства ги исчистија и уредија просторите пред своите домови.
Екипите на ЈКП „Комуналец“ отстранија поголеми количини отпад од околината, а беа ангажирани и дополнителни транспортни возила за собирање и транспортирање на отпадот до депонијата во Алинци.
Од јавното претпријатие посочуваат дека ваквата масовна вклученост на жителите е позитивен пример за грижа кон животната средина. Вработени во „Комуналец“, кои се и жители на населбата, истакнаа дека ретко се гледа толку голема желба кај граѓаните за почиста и поздрава средина.
Надлежните апелираат и во иднина куќниот отпад да се одлага во кантите за отпад или прописно да се остава до нив, со што ќе се олесни редовното собирање на комуналниот отпад од страна на јавното претпријатие.
Акцијата во Тризла покажа дека со заедничка работа, организација и слога може да се постигне почиста и поубава животна средина за сите жители.
