Ова не е филм: Бивш дечко со помагачи го нападнал новото момче на поранешната девојка

Хроника

Уште еден брутален случај на насилство имало вчера во Велес – тројца насилници од Скопје рано наутро упаднале во домот на поранешната девојка на едниот од нив, по што тој ја нападнал неа и нејзиниот сегашен партнер, а и двајцата аѓутанти му се нафрлиле на новото момче, со електрошок и со тврд предмет, информира МВР.

Тројцата „тепачи“ биле уапсени од интервентната полиција кога дошле во Скопје, по што ги испратиле назад во Велес, но во полициска станица, се додава во соопштението.

„На 09.03.2026 во 08:30 часот во СВР Велес, 23-годишна велешанка пријавила дека во нејзиниот дом дошол Б.Б.(26) од Скопје – нејзин поранешен партнер и физички ја нападнал неа и нејзиниот сегашен 24-годишен партнер, по што и М.К.(30) и Д.Б.(43), двајцата од Скопје, кои дошле со Б.Б., физички го нападнале нејзиното момче, при што употребиле електрошок и тврд предмет. По преземени мерки, полициски службеници од Единицата за интервентна полиција при СВР Скопје ги лишиле од слобода Б.Б., М.К. и Д.Б., кои подоцна биле спроведени во СВР Велес за понатамошна постапка. Известен бил јавен обвинител и по целосно документирање на настанот ќе бидат поднесени соодветни пријави“, пишува во полицискиот билтен.