Николоски со добра вест: 22 нови авио-рути за Европа

Македонија

Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски соопшти дека се воспоставени 22 нови авио-рути кои ја поврзуваат Македонија со повеќе европски дестинации, со што значително се зајакнува воздушниот сообраќај во земјата.

На својот фејсбук профил, Николоски објави мапа со новите линии од двата домашни аеродроми, истакнувајќи дека авиосообраќајот бележи континуиран раст и развој.

 

— Силно се развива авиосообраќајот во Македонија. Отворени се 22 нови рути кои ја поврзуваат Македонија со цела Европа. Аеродромите во државата, со сè поголем број патници, стануваат лидери во регионот. Продолжуваме во периодот што следи со уште повеќе активности за зајакнување на авиосообраќајот — напиша Николоски.

Од Министерството за транспорт информираат дека новите линии се дел од стратегијата за подобрување на поврзаноста на земјата, како и за поттикнување на туристичкиот и економскиот развој.

Иако засега нема детална листа на сите дестинации, надлежните најавуваат дека во наредниот период ќе бидат соопштени повеќе информации за новите летови и авиокомпании што ќе ги оперираат.