Савевски за „Пулс“: Би сакал да имам увид како дошло до кривичните дела на товар на обвинетите

Македонија

Ненад Савевски, судија во Кривичен суд Скопје, специјално одделение за организиран криминал и корупција и кандидат за државен јавен обвинител вечерва во Телевизија 24 го коментираше и за предметот за дискотеката „Пулс“ во Кочани.

„Во мојата професија важи правилото – емоциите на страна. Но во овој предмет се работи за таква трагедија што никој не може, а да не сочувствува со роднините на жртвите и болката која ја носиме сите ние како општество, затоа што загубивме толку млади животи во една таква страотна трагедија, и како човек и како родител го зборувам. Сочувствувам со родителите, и премногу како општество го експлоатираме ова прашање, секогаш задираме во живите рани на овие родители. Ова е мојот одговор како човек, а како кандидат за државен јавен обвинител е дека секако би сакал да имам увид како дошло до овие кривични дела кои беа квалификувани на товар на обвинетите. Секако би имал непосредна средба со Обвинителите кои работеле во текот на истрагата, и сега како застапници на обвинението да добијам една јасна претстава како излезе оваа правна квалификација. Предметот е во рана фаза, како ќе се одвива понатаму, да видиме по изведување на доказите. Секогаш нешто што ќе произлезе од доказите кои се изведуваат пред Судот, доколку има основ за преквалификување на веќе одредената правна квалификација, е право или овластување, а и обврска на јавниот обвинител да интервенира во обвинението“, рече Савевски.